Вучиќ: Во ЕУ не постои желба за проширување

од Nikola Popovski
220 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва изјави дека влезот на Србија во Европската унија не зависи само од нив, додавајќи дека има заситување од проширувањето во самата Унија.

„Нема желба за проширување во ЕУ. Ќе сториме сè, постигнавме напредок во владеењето на правото, бевме конструктивни во разговорите со Приштина, но добивме ли нешто – одговорот е не. Постои политичка сатурација со проширувањето кон ЕУ “, рече Вучиќ во гостувањето на на телевизијата „Еуроњуз“.

Наведувајќи дека во последниот извештај на Европската комисија има изјава дека Србија напредувала, Вучиќ вели дека има забелешки, како и дека државата не бега од својата одговорност.

„Не бегам од нашата одговорност, моравме побрзо да направиме милион работи во владеењето на правото“, рече Вучиќ.

Тој додава дека Србија е сè уште подготвена за два кластера, дека успеа да ги направи работите што беа побарани од неа за брзо време, но дека не беше наградена на кој било начин.

Без оглед на неотворањето на поглавјето, Вучиќ вели дека неговата земја ќе продолжи да работи и додава дека Србија економски ги поминува дел од земјите-членки, како и дека се развива многу побрзо во таа смисла.

На прашањето за проблемот за кој ЕУ ја обвинува Србија и се однесува на корупцијата, претседателот изјавил дека е направено многу за тоа прашање, но дека тоа не е доволно.

„Дел од вината е несомнено на наша страна, но тоа не зависи само од нас и сите го знаат тоа“, рече тој, посочувајќи дека С. Македонија го завршила очекуваното, односно го сменила името, како и имиња на автопати, аеродроми и споменици.

„Зошто не отворија ниедно поглавје за нив“, прашал Вучиќ, нагласувајќи дека приказните за тоа како Бугарија или Хрватска не даваа, се „приказни за мали деца“, пренесе Танјуг.