Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија е последната земја на која ѝ се потребни инциденти како оние во Бањска, додавајќи дека мирот е во интерес на Србија.
Во синоќешното интервју за Си-Ен-Ен, што го направи новинарот Кристијан Аманпур, кој се прослави со известувањето од боиштата на поранешна Југославија, тој рече дека сите можат да видат дека Србија е конструктивен партнер, а Приштина не прави ништо.
„Тие вршат етничко чистење, во последните две години бројот на Срби на Косово се намали – сега има 10 отсто помалку“, рече Вучиќ, додавајќи дека од доаѓањето на власт Албин Курти на Косово имало 120 напади врз Србите.
„Ако продолжи теророт на Курти, Србите ќе почнат масовно да си заминуваат“
Претседателот на Србија изјави дека доколку продолжи теророт на премиерот на Косово Албин Курти и доколку меѓународната заедница го дозволи тоа, Србите масовно ќе почнат да го напуштаат Косово и, како што рече, никој нема да може мирно да го гледа тоа.
„Ако меѓународната заедница дозволи теророт на Курти да продолжи, луѓето ќе почнат да ги пакуваат работите во камиони, трактори и автобуси, а потоа ова е нешто што никој во светот не може да дозволи да го види. Не сме далеку од тоа, иако вие знаете колку Србите од Косово се решени да го сочуваат своето огниште. Ужасот на Курти е нешто што надминува се што може да помисли нормален човек. Тие упаѓаат во болници, цркви, насекаде. Утрово во градинка со оклопни возила“, рече Вучиќ во гостување на ТВ Хепи.
Тој додаде дека 122 дена нема влез на српска стока на Косово.