Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека очекува да има одговори за прашањето за Нафтената индустрија на Србија (НИС) до крајот на оваа или следната недела и истакна дека приказните дека Хрватите ќе станат нови сопственици на компанијата се невистинити.
„Се надевам дека до крајот на оваа или следната недела ќе имаме што да ви кажеме за тоа прашање“, рече претседателот Вучиќ на прославата на СНС, одговарајќи на новинарско прашање дали има некаков напредок во врска со моменталната состојба со НИС.
Вучиќ истакна дека приказните дека Хрватите ќе станат сопственици на НИС се невистинити.
„Бидејќи гледам дека во Хрватска ја продолжуваат приказната дека ќе станат сопственици, можам само да им кажам, а ако има и некои Руси кои размислуваат за тоа, можам да ги информирам дека тоа нема да се случи. Само имајте го тоа на ум, ништо повеќе“, изјави Вучиќ за Информер.