Вучиќ и Курти во Брисел за формирање на ЗСО на Косово

од Stefanija Kuzmanovska

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска во Брисел ќе имаат одвоени средби на кои ќе разговараат со европските претставници кои посредуваат во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Белград изјави дека денеска во Брисел ќе разговара со лидерите на ЕУ, Германија, Франција и Италија за предлогот на „големата петорка“ за формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО) и изрази надеж дека средбата ќе помине во добра атмосфера.

„Петорката (на 21.10.) даде предлог за начинот на формирање на ЗСО, дадовме одговори и предлози, но деталите не можам да ги откријам. Подготвени сме да разговараме за тоа, тропаат на отворена врата кога е во прашање Белград“, изјави синоќа Вучиќ за Радиотелевизија на Србија.

Вучиќ рече дека во Брисел, на маргините на самитот на Европската унија, ќе има средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан Мирослав Лајчак и со лидерите на Франција, Германија и Италија, Емануел Макрон, Олаф Шолц и Џорџа Мелони.

Тој изјави дека ќе биде единствениот претставник на српската страна и додаде дека претпоставува дека со истите лидери ќе се сретне и премиерот на Косово, Албин Курти, но дека тоа не може да го потврди.

Вучиќ рече дека покрај ЗСО, има и други теми за кои треба да се дискутира.

„Се надевам дека средбата ќе се одржи во атмосфера на компромис и создавање можности за надеж и иднина и за опстанок на српскиот народ на Косово“, рече тој.

Вучиќ додаде дека Курти рекол дека го прифатил планот на „големата петорка“, кој вклучува формирање на ЗСО, „како основа“.

Слични содржини