„Ако повредив некого во Словенија, се извинувам, но нема да им се извинувам на словенечките политичари“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ од Њујорк.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека е поврзана со поединенци и со нивната политика. Секако дека не треба да се користи таков вокабулар, но јас човечки го кажав она што го мислам за нивната политика“, рекол Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додал дека на Словенците им мисли се најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого навредив, сакам да ѝ се извинам на целата јавност во Словенија и во исто време да кажам дека нема да им се извинам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, потенцирал Вучиќ.
Тој додал дека неговата изјава е извадена од контекст и оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат Резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам (премиерот на Словенија) Роберт Голоб и претседателката Пирц Мусар во Белград и Србија. Секако дека треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам во очи што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучил Вучиќ.
Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ изјавил дека тамошниот вршител на должност во Амбасадата на Србија во Словенија ги отфрлил наводите на Министерството за надворешни работи на Словенија за изјавата на Вучиќ, за која бил повикан на разговор.
Вучиќ во вторникот рече дека Србија паднала во замка што и ја поставиле САД, Швајцарија и Словенија.
„Кога се одложи седницата на Советот за безбедност, се прашував за што се работи, но потоа сфативме дека за тоа се договориле со Американците, Словенците и Швајцарците. Не се знае кој е поодвратен, Словенците или некој друг“, изјави тогаш српскиот претседател.
Почетокот на седницата на Советот за безбедност на ОН беше одложен бидејќи делегацијата од Приштина била задржана на влезот поради процедурите на ОН.