Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва уште еднаш порача дека нема да ја признае независноста на Косово и дека тоа им го кажал во лице на лидерите на ЕУ и трите земји, Франција, Германија и Италија, наведувајќи дека на нив им е важен таков епилог, бидејќи Србија им е „камче во чевелот“, затоа што знаат дека со нарушување на територијалниот интегритет на Србија ги прекршиле сите меѓународни правни норми.
Вучиќ за ТВ Танјуг изјави дека во лице им рекол на Емануел Макрон, Олаф Шолц, Џорџа Мелони, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак дека признавањето на Косово не доаѓа предвид, пренесува „Косово онлајн“.
„Нема да потпишам и нема да прифатам независност на Косово. И тие го знаат тоа“, рече Вучиќ.
Тој истакнал дека тие не го прашуваат со тие зборови, туку дека на последната средба во Брисел било поставено прашањето кога ќе ги потпише документите.
„Тие велат – ја имаш оваа опција, сакаш ли да ја потпишеш? Не сакам. Не е лесно да се каже тоа, тоа се сериозни луѓе, најодговорни за судбината на Европа“, додаде Вучиќ.
На прашањето дали му се закануваат, тој одговори дека нема да лаже ако каже дека тоа се закани, бидејќи европските лидери не користат таков речник, но дека многу добро разбира дека Србија може да се соочи со одредени последици.