Српскиот претседател Александар Вучиќ во Атина се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, по што ќе разговара со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.
Разговорот со Зеленски е во тек, средбата започна пред неколку минути.
По повод 20-годишнината од усвојувањето на Солунската декларација, на иницијатива на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, синоќа беше одржана неформална вечера на лидерите од Западен Балкан и европски претставници, на која присуствуваше и претседателот на Украина.
Во понеделникот, во пресрет на неформалната вечера за лидерите на Западен Балкан и европските претставници, организирана од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, Вучиќ рече дека украинскиот претседател побарал билатерални разговори и дека приватно ќе разговара со Зеленски „за се што се случува во последно време во врска со Косово, за признавањето и непризнавањето на територијалниот интегритет и сите други прашања“.
Претседателот на Србија изрази очекување дека ќе биде добар и отворен разговор.
Покрај средбите со претседателот на Украина, Александар Вучиќ денеска во Атина ќе разговара и со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис.
На неформалната вечера на лидерите на Западен Балкан и европски претставници беше договорена Декларација со која се дава поддршка на Украина и нејзиниот претседател Володимир Зеленски, но исто така е нагласено дека е важно да се заокружи визијата на Европската унија, во чиј состав би биле Западен Балкан, Украина и Молдавија.
Поради противењето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одредбата за повикот за воведување санкции против Русија не беше усвоена во завршната Декларација, пренесе „Спутник“.