Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека ќе побара од државните органи да постапуваат во секое време и на секое место на начин кој ќе ги штити редот и законот, а оние што не постапуваат на овој начин ќе бидат „сменети“, пренесува Бета.
„Оние полицајци кои не сакаат да го заштитат редот и законот ќе се сменат, обвинителите кои не сакаат да го заштитат ќе бидат сменети“, рече Вучиќ во разговор со граѓаните во Народниот театар во Лесковац при посетата на општините Топлица и Јабланица и ги обвини антивладините протести за насилство.
Србија веќе четири месеци ја тресеат масовни протести на студенти и граѓани, по смртта на 15 лица при уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Шеснаесеттата жртва на таа трагедија почина во петокот.
Протести синоќа избија и во Ниш, за време на митинг на СНС, на кој требаше да се појават премиерот во заминување Милош Вучевиќ и претседателката на српскиот државен парламент Ана Бранабиќ, но нивното пристигнување беше откажано од безбедносни причини.
Студентите кои го блокираа Универзитетот во Ниш објавија дека синоќа биле уапсени тројца нивни колеги, меѓу кои и Матеја Николиќ, студент на Правниот факултет.
Сите уапсени денеска се ослободени, се вели во соопштението на истата неформална студентска група.
Студентите ја осудија, како што ја опишаа, нетранспарентноста во врска со овој притвор и побараа од властите да дадат јасно објаснување за причините за апсењето.
Граѓаните фрлаа со јајца и камења кон претставниците на СНС, а видеото на кое се гледа како градоначалникот на Ниш Драгослав Павловиќ го фрлаат и го полеваат со вода, на социјалните мрежи го објави студентот Матија Николиќ, кој набрзо бил приведен во полициската станица во Ниш.
Во Универзитетскиот клинички центар во Ниш во петокот вечерта се примени вкупно шест пациенти со повреди здобиени при инциденти за време на протестите, од кои еден е на лекување, се вели во соопштението на здравствените власти.
Вучиќ не е задоволен од реакцијата на судството во Ниш. Тој рече дека „најголем срам е она што го направија обвинителите во Ниш“ и праша како е можно „со толку насилство во Ниш синоќа обвинителите да не бараат притвор“.
„Ова е добар сигнал какви реформи треба да спроведеме во иднина и што ќе треба да направиме“, рече Вучиќ, оценувајќи дека „обвинителството е автономно, но не и независно“.
Тој рече и дека полицијата, поточно „одредени државни органи“ лошо работела синоќа во Ниш кога „насилници нападнале граѓани“.