Вучиќ: Не сум против продажба на муниција на посредници кои доставуваат во Украина

од Stefanija Kuzmanovska
522 прегледи

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за Фајненшл тајмс дека не се противи неговата земја да продава муниција на посредници кои ја доставуваат во Украина.

Фајненшл тајмс наведува дека тоа е знак дека цврстиот балкански сојузник на Русија се врти кон Запад.

Весникот потсетува дека Вучиќ одбива да ги почитува западните санкции против Русија поради нејзината инвазија на соседна Украина. Но, се додава во текстот, претседателот на Србија во промена на правецот рече дека е запознаен со извештаите на американската влада дека српска муниција преку посредници завршила во Украина и дека не планира да го спречи тоа.

„Дали е можно ова да се случува? Не се сомневам дека тоа може да се случи“, изјави Вучиќ за „Фајненшл тајмс“.

„Која е алтернативата за нас? Да не го произведуваме? Да не го продаваме?“, додаде тој.

Фајненшл тајмс објави дека тројца западни дипломати во регионот тврдат дека каналот преку кој српската муниција се насочува кон украинскиот фронт е клучен фактор за забележливата промена откако САД, НАТО и ЕУ неодамна ја поддржаа Србија по етничките тензии на Косово.

На северот на Косово, насилството изби на крајот на мај за време на српските протести против новоизбраниот градоначалник од албанска националност на изборите на кои Србите не учествуваа.

Запрашан дали тоа е пресметан чекор да се добие одобрение од западните престолнини, Вучиќ рече дека Белград се обидел да се однесува на „неутрален начин“.

„Но, јас не сум будала. Свесен сум дека дел од оружјето може да заврши во Украина“, изјави српскиот претседател.

Весникот наведува дека Вучиќ признал дека оди по жица меѓу Москва и западните сили, но дека нема да им помогне на руските воени напори.

„Се приклучивме на сите резолуции на ОН“, рече тој.

Србија се приклучи на резолуциите на ОН со кои се осудува руската инвазија на Украина.

„Се приклучуваме на забраните за реекспорт, како што е технологијата за двојна употреба, како што се дронови. Нема да бидеме центар за реекспорт на нешто во Русија“, рече претседателот на Србија.

Поминало времето кога тој разговарал со рускиот претседател Владимир Путин на секои три месеци, додава тој, истакнувајќи дека не бил во контакт со Кремљ една година освен што примал посетители од Москва.

„Тоа никогаш порано не се случило“, рече тој.

Слични содржини