Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера изјави дека ниту една земја нема да биде примена во Европската унија пред Украина, туку дека тоа може да се случи само истовремено.
„Во јуни се очекува Украина да извојува голема политичка победа во Брисел. Моја проценка, запомнете ги моите зборови, ова не сум го слушнал од никој од Европа, кога и да има влез никој нема да влезе претходно, можеби само истовремено, во исто време како и Украина, за нив Украина е апсолутно најважна, има огромна популација, значајна територија, тие се во војна, ние разбираме сè“, рече Вучиќ.
Одговарајќи на прашања на новинарите по средбата со европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, тој додаде дека очекува Украина и Молдавија и Грузија и Западен Балкан истовремено да влезат во ЕУ, но дека не е сигурен дали некоја земја во Западен Балкан ќе биде исклучок.
„Запишете ги овие мои зборови, за четири години да се сетите дека има некој кој точно ви кажал како точно ќе биде“, рече Вучиќ.
Тој изјави дека нема да присуствува на самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан и Европската унија во Котор, бидејќи најверојатно во среда ќе се одржи седницата на Генералното собрание на Обединетите нации на која ќе се расправа за Резолуцијата за Сребреница.