Вучиќ oчекува насилно отворање на мостот на Ибар

од Nikola Popovski
161 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека се очекуваат нови провокации на Косово и дека косовските власти се подготвуваат на 14 или 15 август насилно да го отворат мостот на Ибар.

„Во меѓувреме, странски агентури ќе се обидат да наметнат некои нови српски лидери, на кои ќе им помогнат, да ги прикажат како наводно храбри, иако не се, а кои всушност ќе се обидат да ги одвојат од Белград и да кажат дека тие не се заинтересирани за Белград и дека се договараат со Курти како и на кој начин да му бидат слуги, а работат за странски интереси. Веднаш да ви кажам дека тоа нема да успее“, рече денеска Вучиќ во обраќање до српската јавност.

Тој изразил надеж дека КФОР ќе реагира и ќе го спречи отворањето на мостот.

„Го повикувам КФОР да реагира и да не дозволи еднострано отворање на мостот, бидејќи ние го почитуваме КФОР и веруваме дека тој треба да си ја заврши работата“, нагласил Вучиќ.

Вучиќ, коментирајќи го протестот што синоќа се одржа во Белград против копањето на литиум, рече дека му е сосема јасно оти косовскиот премиер Албин Курти и приштинските медиуми сакаат Србија да биде лоша, но дека не ги разбира тие кои се залагаат за уништување на економијата во Србија.

Собирот, посочува, поминал во демократска атмосфера, која, како што вели, е во склад со демократска држава.

Но, посочи дека се што следело по митингот, блокадата на патишта и железнички станици, е целосно спротивно на сите правила на демократијата.

„Кои се луѓето кои сакаат да страда нашата економија? Ги разбирам оние од регионот и го разбирам ентузијазмот во Приштина за синоќешната средба. Ги разбирам директните преноси во медиумите на Курти. Ги разбирам фасцинациите, задоволствата и заканите. Ја разбирам нивната желба да и ја влошат работата на Србија, немам проблем. Мислам дека кога секој човек чита и слуша што се зборува во Приштина, Загреб, Сараево, Подгорица, целосно му е јасно на која страна треба да биде. Не разбрав зошто луѓето што живеат овде сакаат да ја уништат економијата на Србија“, прашал Вучиќ.

Вучиќ нагласи дека неколку пати ги поканил сите претставници на тамошната опозиција да зборуваат за литиумот, но никој не сакал да одговори на неговите повици.

Тој истакна дека експлоатацијата и ископувањето на литиум се уште не е започната и дека секаде каде што е потребно ќе разговара со жителите на Лозница, Шашац и сите делови на Србија.

Слични содржини