Српскиот претседател Александар Вучиќ одржа говор на провладиниот митинг во Белград насловен „Нема да се откажеме од Србија“, на кој се собраа приврзаниците на владејачката партија во земјата.
Вучиќ на почетокот им се заблагодари на сите што дојдоа на средбата.
„Ви благодарам што го направивте овој ден важен и свечен. Овој ден ќе биде важен. На крајот ќе ги прочитам нашите барања, а претходно ќе зборувам за она што треба да го направиме, но и малку за тоа низ што поминавме. Поминаа речиси тринаесет години откако сум на функција во Србија. Дадов се од себе, како и многу мои пријатели, да ја направам земјата подобра“, рече Вучиќ.
Тој рече дека Србија издржа бројни надворешни притисоци, особено во контекст на санкциите против Русија.
„Сега, остануваат речиси три и пол години војна. Сето тоа го издржавме и не се откажавме од политиката. Се држевме цврсто за се и не ја променивме нашата политика. Без оглед на сите ужасни притисоци на кои бевме изложени. Тогаш велеа дека има економска криза, ќе треба да се издржи. Не само што издржавме, туку и ја турнавме државата напред. Оваа година, ако не го направеа ова против нашата земја, ќе бевме најбрзо растечката економија во цела Европа“, рече тој.
Рече дека не сакаат ниту избори, ниту референдум.
„Овие луѓе сакаат да ја водат државата, но не сакаат избори. Велат се е можно, но избори не се. Им рековме да не не залажуваат со барања кои одамна се исполнети, ајде да излеземе на референдум. Ако Србија каже дека нема доверба во мене, јас не сум претседател. Велат дека не сакаат ниту референдум. Па што сакате? Да палите цркви, прогонувате луѓе, блокирате се во оваа држава. Нема веќе страв и нема да тепате никого неказнето. Видете, има луѓе што седат на трактори, ниту една гума не е оштетена, ниту едно стакло не е скршено. Тој напад на Србија не потекнува од Србија. Тој дојде од надвор. Дојде однадвор затоа што некои од странство не сакаат да видат слободна, независна Србија. Тие не сакаат да видат земја која сама носи одлуки. Не можете да ја скршите кичмата на српскиот народ. Нивната обоена револуција заврши. Нема ништо од тоа“, рече тој.