Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека утринава во Србија пристигнале и започнале со работа „експерти од Федералната служба за безбедност на Руската Федерација“ во врска со наводната употреба на звучен топ.
„Синоќа дојдоа луѓе од Федералната служба за безбедност на Руската Федерација. Тие почнаа да работат утрово. Ќе ги посетат сите уреди што ги имаме, ќе ги испитаат и ќе утврдат што и како функционира. Ќе останат овде неколку дена, мислам седум или осум дена, а потоа ќе излезат со својот став за звучниот топ“, изјави Вучиќ во Пионирскиот парк.
Тој додаде дека со ова ќе се „разоткријат уште некои лаги“ и ќе се покаже „што користи опозицијата“ и како ги „мами граѓаните“.
Премиерот Милош Вучевиќ неодамна изјави дека Србија ги поканила и американските и руските служби да спроведат свои истраги и да утврдат дали бил употребен звучен топ за време на протестите во Белград на 15 март.
Вучиќ денеска ги посети учениците кои кампуваат во Пионирскиот парк и им вети дека државата ќе стори сè за да им помогне, вклучително и продолжување на учебната година за да се надомести изгубениот материјал.
„Оние кои се одговорни за воведување анархија и кои сакаа да ги остават студентите без можност да учат и да ја завршат годината, ќе одговараат пред надлежните органи“, изјави Вучиќ.
Тој истакна дека „неработењето не може да ја победи работата“ и дека „професорите кои не сакаат да работат не можат да имаат предност пред оние кои работат посветено, живеат за своите ученици, а не само за платата“.
Наставниците кои штрајкуваа во знак на поддршка на своите поранешни и сегашни ученици или останаа без плата или добија намалени примања.