Српскиот претседател Александар Вучиќ го прими Милош Павловиќ (Чаци), неформалниот лидер на „студентите кои сакаат да учат“, во Претседателството откако беше нападнат синоќа во Нов Белград.
На почетокот на видеото што го објави на Инстаграм, Вучиќ рече дека имал чест да го прими Павловиќ и да разговара со него за „страшниот настан“.
Иронично рече дека Павловиќ извршил ужасен злостор затоа што отишол во кафуле во Студентскиот град, односно не бил во својата соба.
„Беше во кафуле, изврши ужасен злостор, пиеше кисела вода и Кока-Кола, а потоа дошла банда блокатори и, како во хорор филмовите, го опколиле кафулето, почнале да удираат по стаклото, да гребат“, Вучиќ го опиша нападот врз Павловиќ.
Тој рече дека одговорните за нападот ќе ги сносат последиците. Како што рече, „државата трпеше, трпеше, трпеше, молчеше и молчеше“.
„Државата ќе реагира. Србија ќе победи. Фашизмот во Србија никогаш нема да помине. Горд сум на овој млад човек, на сите овие млади луѓе кои цела ноќ издржаа линч-терор, а зборот Чаци постои како симбол на слободата. Подобро да не ви кажувам колку е поубав тој збор, колку поубаво звучи Чаци од нацист. Да живее Србија“, рече Вучиќ.
Да ве потсетиме дека Павловиќ беше нападнат синоќа во Белград. Според извештаите од болницата, тој претрпел повреди на главата, градите и раката.