Вучиќ: Србија и Русија се договорија за заедничко одбележување на денот на ослободувањето на Белград

од Илинка Илиоска
280 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес објави дека тој и амбасадорот на Руската Федерација Александар Боцан-Харченко се договориле двете земји заеднички да ја одбележат годишнината од ослободувањето на Белград.

Вучиќ ова го објави на Инстаграм по средбата со руски дипломат во Белград.

„Се договоривме за заедничка комеморација на 80-годишнината од победата над фашизмот и ослободувањето на Белград. Разговаравме за теми од заеднички интерес, особено во областите како трговијата, културата и регионалната безбедност“, напиша Вучиќ.

Тој додаде дека со Боцан-Харченко разменил мислења „за актуелната состојба во земјата и регионот“.

Годишнината од ослободувањето на Белград од германскиот окупатор се слави на 20 октомври. Главниот град на Србија тогаш беше заеднички ослободен од југословенските партизани и советската Црвена армија.

Да потсетиме, на 70-годишнината од ослободувањето на Белград во 2014 година, во главниот град се одржа воена парада на која присуствуваше и претседателот на Русија, Владимир Путин.

Србија е една од ретките европски земји кои не воведоа санкции кон Русија по инвазијата што Кремљ ја започна против Украина во февруари 2022 година.

Сепак, официјален Белград во неколку наврати ја осуди руската агресија и нарушувањето на територијалниот интегритет на Украина.

Слични содржини