Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави вечерва дека смета оти Србија направила грешка што гласала за европска резолуција во Генералното собрание на Обединетите нации со која ја потврдува поддршката за Украина и нејзиниот територијален интегритет, туку дека требало да се воздржи.
Мислам дека Србија денеска згреши, за тоа им се извинувам на граѓаните и сам ја преземам вината за тоа, затоа што веројатно сум уморен и оптоварен и не можам се да направам“, изјави Вучиќ за „Телевизија Хепи“.
Тој додаде дека Србија се воздржувала за американската нацрт-резолуција и дека „гласала точно како што требало“, наведувајќи дека според него требало да се воздржи и за европската резолуција.
„И како што можете да видите, ова го кажувам во време кога е сосема јасно дека поради тоа ќе изгубам наклоност или политички поени во ЕУ. Верувам дека Србија мораше да биде воздржана. Немам кого да обвинувам освен себе, немав доволно време да се занимавам со тоа“, изјави Вучиќ, пренесе „Бета“.
Тој оцени дека Србија три години „се држела во најтешката можна ситуација“ во однос на невоведувањето санкции против Русија, додавајќи дека позицијата на Србија „нема да биде уништена со една, две или три резолуции“.
Генералното собрание на ОН денеска усвои резолуција со која се потврдува поддршката за Украина и нејзиниот територијален интегритет, на третата годишнина од почетокот на руската инвазија на земјата.
САД не успеаја да го натераат Генералното собрание на ОН да ја усвои својата резолуција со која се повикува на прекин на војната во Украина, без да се спомене руската агресија и територијалниот интегритет на нападнатата држава.
Усвоен е текстот на резолуцијата подготвена од Украина и нејзините европски сојузници, со 93 гласа „за“, 18 „против“, вклучително и САД и Русија и 65 воздржани. Србија гласаше за оваа резолуција.