Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека не размислува да прифати „било какво признавање“ на Косово, пренесe ТАНЈУГ.
Вучиќ ја даде изјавата синоќа во казахстанската престолнина Астана, каде што е во дводневна посета, откако беше замолен од новинарите да коментира за наводите дека српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ разговарал со американскиот државен секретар Марк Рубио во Вашингтон за документи за признавање на независноста на поранешната српска покраина.
„Значи, тој (Марко Ѓуриќ) имаше одлични разговори таму. Не ми паѓа на памет да прифатам какво било признавање на Косово. (…) Не би размислувал да разговарам за Косово, не со Марко Рубио, туку со Свети Петар. Косово е Србија, беше и ќе биде, и крај на приказната“, рече Вучиќ.
Србија не ја признава независноста на својата поранешна покраина Косово, која еднострано прогласи независност во 2008 година. Двете земји се вклучени во дијалог со посредство на ЕУ за нормализирање на односите од 2011 година и постигнаа неколку договори, но не сите се спроведени. Напредокот во овој процес е клучен за аспирациите на двете земји за членство во ЕУ.