Македонскиот автомобилист Ристо Вуков – Рико го одработи и вториот тест со автомобилот Порше 991 ГТ3, како подготовка за новата сезона од трките во Порше Карера Куп Италија.
Откако го промовираше автомобилот со спектакуларна свеченост во средината на февруари, Вуков веќе имаше еден тест со Порше на патеката Мизано во март, а помеѓу тој и овој тест следеше „гимнастика“ со возење картинг заради одржување на формата. Овој тест во Муџело траеше два дена (10 и 11 април), а она што беше специфично е дека на патеката во Емилија Ромања се појави непоканетиот гостин – дождот, кој направи сите да мораат да ги приспособат своите тренинг програми.
– Овој тест беше уште еден во низата приватни тестирања кои беа закажани преку тимот „GDL Racing“ за кој настапувам, а во мај ќе го имаме и официјалниот тест пред почетокот на сезоната организиран од промоторот на нашето првенство. Муџело е патека на која што лани дебитирав во Порше Карера Куп, па веќе собрав доста километри искуство со возење на неа. Дождот не можеше да се случи во подобар термин, едноставно ни даде шанса да ги испробаме сите можни штелувања, од целосно мокра патека, до патека на која има застоена вода или патека што се суши. Буквално ниту еден круг не извозев со пневматици за суво време. Времињата не ни беа никаков репер, но беше добро да се види дека со менувањето на штелувањата постигнуваме посакуван напредок. Тоа ми дава самодоверба и се чувствувам чекор поблиску до посакуваната форма за стартот на првенството.
На ова тестирање во Муџело биле присутни само некои од директните конкуренти на Вуков кои настапуваат во истата серија, поради што немало простор за компаративна анализа.
– Можеби така е и подобро, бидејќи не се оптоварував кој како вози и колку е брз, успеавме да се фокусираме на самите себе и да одработиме сопствена тест програма. Официјалниот тест во пресрет на новата сезона е на средината на мај, па ова тестирање беше клучно за мене да продолжам да го развивам моето чувство за автомобилот, особено на вакви услови со влажна патека. Лично сум презадоволен од сработеното, но жалам што мора да помине цел месец до следниот тест. По враќањето во Скопје ќе ги продолжам подготовките со надеж дека ќе успеам да го задржам ова ниво, бидејќи нема ништо подобро за самодовербата на еден возач од тоа да се чувствува добро во автомобилот.
Официjaланите тестирања во Имола се предвидени за 18 и 19 мај, а сезоната ќе започне со трките на 5 и 6 јуни.