Вулин: Ѓукановиќ и Рама ги цртаат границите на „Голема Албанија“

од Stefanija Kuzmanovska
135 прегледи

Министерот за одбрана на Србија Александар Вулин денеска оцени дека кога премиерот на Албанија и „претседателот на таканареченото Косово“ ќе го поддржуваат Мило Ѓукановиќ и ДПС на претстојните парламентарни избори во Црна Гора, „тогаш не е тајна дека тие ги цртаат границите на „Голема Албанија“ и се сметаат за господари на Црна Гора“, пренесе „Нова.рс“.

„Секоја поддршка мора да биде заслужена, а во очите на Рама и Тачи, нема поголема заслуга од омразата кон Србите и Србија“, изјави Вулин, а пренесе Министерството за одбрана.

Со „Поздрав од Тирана, драги пријатели!“ – на српски јазик и предизборниот слоган на црногорската Демократска партија на социјалистите „Решително за Црна Гора!“ што го повтори неколку пати, Премиерот на Албанија, Еди Рама, денеска ја поддржа партијата на претседателот Мило Ѓукановиќ со видео-порака пред парламентарните избори во недела, 30 август.

Претходно, претседателот на Косово, Хашим Тачи, ги повика Албанците кои живеат во Црна Гора да гласаат на изборите во недела за натамошно зајакнување на „евроатлантската ориентација на пријателската држава Црна Гора“.