Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин оцени дека опозицијата во Србија се обидува да го повтори македонското сценарио и дека настаните во Нови Сад се „препишан македонски модел“.
„Македонците ги бојадисаа плоштадите поради некоја своја причина, овие денес за своја. Белоруските и хонгконгшките модели беа копирани. Тоа е пример за шарена револуција“, рекол Вулин, пренесуваат српските медиуми.
Смета дека тамошната опозиција не го смислила тоа, туку дека биле обучени и прецизно инструирани од „оние кои правеле шарени револуции низ целиот свет“.
„Опозицијата на НАТО во Србија не сака аргументирана дискусија во собранието или разговор како нешто да се подобри, туку да дојде на власт преку насилство и улица, а во Нови Сад само покажаа што би направиле ако не дај Боже, дојдат на власт“, рекол Вулин, соопштиле од неговиот кабинет.
Тој посочил дека во секој учебник за обоените револуции јасно стои дека „ако си малцинство мора да бидеш многу агресивен“.
„И бидејќи не можете да соберете голем број поддржувачи на едно време и на едно место, треба да направите многу мали настани во исто време кои треба да зрачат со голема агресија и на овој начин да се обидете да покажете како целата општеството е во распаѓање, страшен притисок, иако тоа е само неколку стотини луѓе во цела Србија, никогаш не е повеќе од пет илјади луѓе“, рече Вулин.
Тој вели дека опозицијата прави списоци „на кои се ставаат политичари, па и полицајци и државни службеници кои не се јавни личности“.
Тој нагласи дека амбасадите на западните земји „по насилните и деструктивни демонстрации во Нови Сад“, прво ги прашале српските власти како се чувствуваат уапсените и кога ќе бидат ослободени.
„Не прашаа колку полицајци се повредени, колкава е материјалната штета, дали има подлабока политичка заднина зад ова, дали во сето ова се вмешани некои криминални структури, не зошто ги уапсивте туку како се уапсени, затоа што тие се нивни експоненти, луѓето за кои работат“, посочил Вулин.
Праша како го добиле правото некого да прашаат било што.
На прашањето дали може да се повтори македонското сценарио во Србија, потпретседателот Вулин рекол дека може да има обиди, но дека не верува.
„Нашите безбедносни служби се многу силни, огромното мнозинство од народот нема никаква дилема дека не сака немири, граѓанска војна и конфликти во Србија, но факт е дека има агресивно малцинство, дека има НАТО опозиција која е многу добро финансирана, дека знаат што сакаат и дека имаат силна поддршка од Западот. Тие сакаат промена на власта и не можат да дојдат на власт освен преку насилство и улица“, рекол тој.