По повод видеото на социјалната мрежа Тик-ток на коe се слуша песна чии стихови зборуваат за Вељко Беливук, денеска се огласи и министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин.
Тој изјави дека сега, како што рече, некои несреќни будали пеат „Веља ќе се врати“.
„Дозволете ми веднаш да ги разочарам. Тој никогаш нема да се врати. Со овие докази ниту тој, ниту неговите соучесници никогаш нема да излезат“, рече Вулин.
Тој додаде дека истрагата собрала многу нови информации за криминалниот клан на Вељко Беливук и за исчезнатите лица за кои се сомнева дека се жртви на овој клан, но дека тој не може повеќе да зборува за тоа.
Како гостин на ТВ Пинк, Вулин рече дека кога ќе започне судењето и презентирањето докази, ќе се види за какви чудовишта станува збор.
„Кога ќе започне судењето, ќе видите кои докази ги собравме. Она што можам да го кажам е дека ќе бидеме згрозени од начините и бројот на злосторства што ги сторила оваа банда. Тешко ми е да поверувам, кога тие млади луѓе успеале толку да се расипат“, изјави тој.
Одговарајќи на прашањето дали сакале да го убијат претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Вулин рече дека тоа ќе го покаже историјата, но тој изјави дека тие биле способни да го сторат тоа затоа што имале оружје и пари и луѓе за такво нешто.
Тој истакна дека меѓу уапсените има и еден професионален снајперист, а некои од нив имаат богато воено искуство.
Според него, кланот имал на располагање неверојатни суми пари, со кои можел да стори сé, дури и да плати најмен убиец од другата страна на светот.