Младиот 16-годишен напаѓач на Борусија Дортмунд, Јусуфа Мукоко ќе мора да ја заврши оваа сезона пред време, а причината е повреда на лигаментите на стапалото, објави во понеделникот петтопласираниот тим во германската Бундес лига.
Мукоко се повреди додека играше за германската репрезентација до 21 година за време на неодамнешните натпревари од групната фаза за пласман на Европското првенство.
– Повредите се дел од ова и се голем предизвик за играчот. Она што е важно е како ќе се справите со тоа. Ќе работам сè повеќе и повеќе. Муки наскоро ќе се врати – сподели најмладиот стрелец во историјата на Бундеслигата на неговата страница на Инстаграм, пренесе „Хина“.
Екипата на Борусија во понеделникот отпатува за Манчестер, каде во вторник (21.00 часот) ќе го одигра првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите против домашниот Сити.
Освен Мукоко, овој натпревар ќе го пропушти и најдобриот играч на тимот од Дортмунд, Англичанецот Џејден Санчо, кој ги пропушти последните неколку натпревари поради постојани мускулни проблеми.
Аксел Витсел и Дан-Аксел Загаду, кои веќе некое време се надвор од терените, не влегоа во авионот за Манчестер.