ВВ Тиквеш се приклучи кон интернационалниот предизвик и тимот одигра на музиката на „Јерусалема“. Песната во текот на изминатата година стана светски симбол на единство и мир во поделеното општество во кое живееме денес.
„Затоа, токму на денот на Св. Трифун сакаме да ја промовираме пораката за надежта и желбите за просперитетната година која не очекува. Да го подигнеме духот и моралот, да ги приближиме различностите и барем на момент да се расположиме и да избегаме од реалноста“, велат од компанијата.
Покрај тоа, соопштија од Тиквеш, се надеваме дека приклучувањето кон еден ваков глобален предизвик ќе придонесе за луѓето надвор од земјава да ја запознаат Македонија како винска земја, а воедно и да го промовираме Тиквеш како еден од најголемите национални брендови до пошироката светска публика.
„Една од најголемите придобивки ја добивме уште пред да го објавиме видеото во јавност. Деновите на припрема на кореографијата, вежбање и снимање придонесоа за извонреден тим билдинг. Токму тоа ни недостигаше во текот на минатата година и успеавме да ја вратиме енергијата во тимот преку ова дружење, преку чувството дека сме сите заедно во ова и дека ја споделуваме истата позитивна енергија.
Од комуникациски аспект, дефинитивно беше потребна храброст за да преминеме преку коментарите во јавноста за претходните видеа кои беа дел од овој предизвик и сепак да ја оствариме нашата замиса. За нас ова не беше само прифаќање и преземање на некаков онлјан предизвик, туку сакавме да го подигнеме критериумот и да го искористиме моментумот за да подготвиме понеформално копороративно видео со кое ќе ја претставиме ВВ Тиквеш.
Ако погледнете одблиску, низ кадрите се претставени главните аспекти од процесот на производство на вино, видеото дозволува прошетка низ различните сектори во винаријата, низ насадите, а лесно може да се видат и капацитетите со кои располага компанијата. Ова е особено важно за нас како компанија, но и за Македонија доколку сакаме да биде светски препознаена како винска земја“, истакнаа оттаму.