Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија, во Виена пред професионалните купувачи на вино го претстави регионалниот саем Wine vision by open Balkan, како и вината од Србија, Албанија и Северна Македонија.
Презентацијата беше организирана во соработка со престижното списание Falstaff, а на настанот присуствуваа министрите за земјоделство на Србија и Македонија, Јелена Танасковиќ и Љупчо Николовски, сомелиери кои работат за најистакнатите светски ресторани и хотели, вински критичари и новинари.
– По саемите Vinitaly во Верона и ProWein во Дизелдорф, денеска сме во Виена со истакнати познавачи на вино, кои го претставуваат нашиот регион, кој штотуку станува признат како винска дестинација, што е наша шанса. Она што можеме да го понудиме обично пријатно ги изненадува луѓето и сакаат да дојдат, ги привлекува духот на соработката на Балканот и заедничката презентација на нашите висококвалитетни вина – рече Чадеж.
Wine vision by open Balkan, според Чадеж, отвора бројни деловни можности, а целта е да се привлечат што поголем број професионални клиенти, заинтересирани за заеднички бизнис.
Чадеж потсетува дека Западен Балкан е пазар од 20 милиони потрошувачи, кој се развива и учи. Во последните 10 години винската култура значително се разви, се троши повеќе вино, потрошувачите знаат кои вина сакаат, додаде претседателот на СКС.
– Заедно со нашите партнери од Австрија би сакале да работиме и да учиме од нив, Австрија пред 25 години не беше толку позната на винската мапа на светот, а денес е еден од лидерите во винската индустрија – посочи Чадеж.