„Wizz Air“ укина уште една линија од Скопскиот аеродром

од Nikola Popovski
676 прегледи

Авиокомпанијата „Wizz Air“ од Скопскиот аеродром ја укинува авиолинијата Скопје-Будимпешта од 9 март 2025 година. На страницата за резервации веќе не може да се купат карти за главниот град на Унгарија. Иако компанијата не соопшти зошто ја укинува оваа линија, не е познато ни дали ќе биде вратена со зимскиот ред на летање.

Со почетокот на зимската сезона на летање укинати беа летовите до Келн, Копенхаген и Стокхолм-Скавста, после Божиќ нема лет ни до Бремен, а од април лани е прекината и продажбата на билети за Салцбург. Луксембург беше укинат кон средината на јануари 2024 после само два месеци летање.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски во јануари годинава објави дека од Меѓународниот аеродром Скопје се воведуваат уште две нови авиолинии и тоа Скопје -Женева и Скопје-Париз (аеродром Орли). Според Николоски, овие две дестинации се воведуваат на барање на дијаспората а ќе ги оперира авиокомпанијата „Easy Jet“, со тоа што линијата Скопје-Париз ќе започне да се оперира од 2 април, додека линијата Скопје-Женева од 3 ноември, оваа година.

Овие две дестинации се дел од финансиската подршка што ја овозможува Владата преку Министерството за транспорт, а се во рамките на отворениот јавен повик за подршка за воведување на нови авиолинии.

Лани во октомври беше објавено дека четири нови авионски линии се однесуваат на скопскиот аеродром, каде два пати неделно ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје (од 30 март), исто како и Скопје-Барселона-Скопје (од 30 јуни), додека, по три пати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје (од 30 јуни) и Скопје-Штутгарт-Скопје.

На охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе лета два пати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) која ќе лета четири пати неделно.

„Transavia“, која е нискобуџетна авиокомпанија и која нуди патувања низ Европа по пристапни цени, ќе почне да лета од Амстердам до Скопје на 2 март 2025 година.

Во моментов, на скопскиот аеродром во лето оперираат 47 дестинации, а на охридскиот осум, додека, во зимскиот период 38 од скопски и четири од охридски аеродром.

„Wizz Air“ е авионската компанија задолжена за новите летови за Штутгард, Базел, Барселона и Лион. Флај Дубаи за Дубаи и Туркиш Ерлајнс за Истанбул.

Слични содржини