Новиот министер за локална самоуправа и член на ЛДП Ристо Пенов во своето гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 рече дека тој нема да се кандидира за претседател на партијата.
„Зајкова е единствен кандидат за нов лидер на партијата. Јас нема да се кандидирам. Треба млади и свежи идеи и сили, како ние кога сме ја правеле инфраструктурата на партијата“, рече Пенов.
За претседателот на партијата во заминување , Горан Милевски, Пенов посочи дека бил против францускиот предлог, но, оти неговиот став не поминал кај органите на партијата, која е коалциски партнер на СДСМ.
„Ако си против француски предлог, а Владата го усвојува, тогаш каде ти е местото? Неговиот став не помина низ органите. Пратениците гласаат „за“, се определија за Европа, за чекор понатаму“,истакна министерот за локална самоуправа.
Прашан околу информациите дека за Милевски се подготвува амбасадорско место, Пенов рече дека доскорешениот претседател на ЛДП и министер е предложен за ваква функција и е „во некоја постапка“.