Вкупно 19 општини се на листата на оние кои не можат да си ги покријат трошоците за локалните избори, па Државната изборна комисија (ДИК) ќе им префрли пари за да може да ги организираат.

На листата на ДИК засега се наоѓаат: Куманово, Тетово, Охрид, Струга, Ресен, Берово, Делчево, Пехчево, Боговиње, Брвеница, Градско, Зрновци, Карбинци, Пластица, Ранковце, Сопиште, Чашка, Долнени, Старо Нагоричане.
Министерството за финансии од Буџетот на Република Македонија на сметката на ДИК ќе префрли 30 милиони денари (половина милион евра), кои понатаму Државната комисија ќе си ги распореди на општините.
Меѓутоа, дали овие се единствените општини кои ќе останат на оваа листа до изборите не може со сигурност да се потврди бидејќи тоа е менлива категорија, брифираат од Министерството за финансии.
На пример, постојат општини кои се блокираат денес поради одредена сметка, но за неколку дена сметката може да им се одблокира ако се плати долгот.
Сепак, поголемиот дел од општините кои се на листата, велат познавачите, се подолг период блокирани и мала е веројатноста дека ќе се одблокираат.
Инаку, покрај половина милион евра за овие општини, од државниот буџет според закон за сите општини се покриваат и трошоците за изборниот материјал, кутии, гласачки ливчиња итн. Општините, пак, ги плаќаат патните и останатите трошоци за луѓето што се ангажираат, давачките околу обезбедениот простор за гласање, вода, струја итн./Plus info