Повеќе од сто илјади демонстранти, на пороен дожд излегле да протестираат во шкотскиот град Глазгов против светската неажурност и неактивност на најмоќните светски влади во непреземањето на ништо за спречување на застрашувачките климатски промени во очи на светската конференција за климатски промени КОП26, која се одржува токму во овој град. Но не само во шкотски Глазгов, туку се протестираше и во Париз, преку Истанбул до Сиднеј, Австралија.
И покрај тоа што Шкотска, повеќе од триста години е во унијатство со Англија, денес сочинувајќи ја моќната монархија Велика Британија, Шкотланѓаните се едни од најрепрезентативните европски народи со своја специфична културолошка особеност, свои традиции, обичаи, и по се она што денес значи зборот „Шкот, Шкотска, Шкотско“. Овој масовен протест на десетици илјади млади, заинтересирани за светските проблеми, ги става во редот на победничките нации.
Светот е многу повеќе од тегла ајвар и казан ракија!
За разлика од нив, Македонците во изминатите триесет години демократија излегуваа да протестираат исклучиво кога беа партиски инструирани, мотивирани и поттикнати, штитејќи го партискиот,а така и својот личен интерес. Со чест на исклучоци, кога се протестирало за одредени проблеми, од различни категории на целни групи, но и тие протести набрзо биле контаминирани. За жал, никогаш во Македонија не е забележан масовен голем простест, од македонските граѓани, без разлика на нивната партиско-политичка, етничка, религиска или социјална определба/статус, а да се однесува на некое значајно светско прашање: прашањето за независноста на Палестина, Каталонија, кршењето на човековите права и деспотизмот врз Ујгурското малцинство во Кина, статусот на Тибет, итн, итн….Ви делува смешно, дека треба да протестираме во Македонија за овие невралгични светски прашања?! Па затоа сме смешни, бидејќи подалеку од ракијата, туршијата и Табановце национално, идеолошки и културолошки ниту знаеме, ниту сме виделе.
Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, во едно од своите многубројни интервјуа и колумни, како последниот браник на македонските национални интереси, достоинство, македонските права, истакнал дека „илјада години Македонците се борат и се спротиставуваат на соседните народи да не бидат поробени, и успешно го прават тоа“. Прво, Македонци во оваа и денешна смисла на зборот, со целосен изграден и свесен македонски национален посебен идентитет, јазик и македонски атрибутски обележја, не постоеле подлабоко од деветнаесеттиот век, кога започнал процесот на создавање на модерните нации-држави, најмалку пак во десеттиот век, и второ, и да е така како што избеганиот од реалноста и умот, прв човек на МАНУ вели, се поставува следново прашање: зошто цело едно илјадолетие Македонците биле инфериорни во однос на соседните и европските народи, и секогаш биле предмет за асимилација на посилните од нив?!
Зошто Македонците во тој цел милениум не им ги подариле на човештвото Леонардо Да Винчи, Микеланџело, Лав Николајевич Толстој, Гете, Ниче, Моцарт, Бах, Алигиери, Шекспир, или еден Ајнштајн, па ако сакате и Србинот од Лика, Никола Тесла!? Со што тоа илјадолетните Македонци го заложиле светот, па да не ја доживеат судбината на „народ кој успешно ги одбивал поробителските апетити на соседните народи“?! Со мирољубивоста, добродушноста, кроткоста, неконфкликтноста?!
Можеме ли сами да се одржуваме и понатаму?!
Да не бидеме патетични. Народ кој во својот занес на националната митологија „се пали“ на бабата на која на гости не и бил ниту Гоце Делчев, ниту Даме Груев, туку Тодор Александров со неговата чета, не само што не заслужува подобра судбина од таа тажалечката на неговиот првоборец во заштита на македонскиот национален идентитет, туку е само прашање на чудо, како после сите сцили и харибди на историската мелница во дваесеттиот и дваесет и првиот век, се уште постои како државотворна форма и одозгора на се, има намера да стане дел од најголемото европско семејство.
Историјата ни даде тапија, удостоверение во 1944-тата година за да се вцртаме и легитимираме како конститутивен субјект во регистарот на светско признаетите нации и држави, а ние денес не само што не успеавме да го оправдаме тоа и да докажеме дека сме деловно способни да се водиме (управуваме) самите себе, туку триесет години по нашето осамостојување и земање на судбината во нашите раце, го ставаме на испит тестот на историјата, дали ние во сложените геополитички конјуктури и тектонски поместувања можеме да се снајдеме и да одговориме на предизвиците кои не демнат зад секој агол. Не сум баш сигурен.
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот