За два денари пониски цени на горивата до крајот на март

Намалувањето следува откако ОКТА им понудила на трговците со нафтени деривати цени пониски за два денари и веќе започнала со испорака на гориво по тие цени

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Локално

Од вчера граѓаните се снабдуваат со поевтини горива на продажните места на најголемите нафтени компании во земјава. Цените на горивата се за два денари пониски од максималната цена утврдена од Регулаторната комисија за енергетика.

„Од денеска на бензинските пумпи на ОКТА, „Пуцко петрол“, „Макпетрол“ и „Лукоил“ се точи гориво поевтино за два денара од максималната цена што ја определува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за нафтените деривати“, информираат од ОКТА.

Поевтинувањето на горивата доаѓа откако ОКТА им понуди за два денара пониски цени на трговците со нафтени деривати и веќе почна да им испорачува гориво по пониски цени.

Пред пет дена на 13 март министерката за енергетика Сања Божиновска и директорот на ОКТА Димитриос Пасхос на прес-конференција најавија дека до крајот на март ОКТА за два денара ги намалува цените на дизелот и на бензините за трговците што набавуваат горива од компанијата овозможувајќи им на тој начин на трговците на големо и мало оваа придобивка да ја рефлектираат во крајните цени за потрошувачите.

Официјално утврдените највисоки малопродажни цени од 17 март и натаму остануваат високи: ЕУРОСУПЕР БС-95 е 86,5 денари, ЕУРОСУПЕР БС-98 е 88,5 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ е 92 денари за литар, при што трговците смеат да продаваат и пониско од тие плафони.