За два и пол месеца украле акумулатори вредни 172.410 евра

од desk2
25 прегледи

СВР Битола до Основното јавно обвинителство Битола поднел кривична пријава против М.М.(39) од Ресен и И.Б.(19) од Ресен поради две кривични дела „тешка кражба“ и против Д.Н.(29) од Битола и М.Џ.(27) од Охрид поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „прикривање“. Се товарат за кражби „тешки“ 172.410 евра.

Прво и второпријавениот, во периодот од 01.02.2025 до 23.04.2025 во два наврати извршиле „тешка кражба“, при што на делница од Битола до село Кременица одзеле поголема количина на акумулатори, сопственост на Јавно претпријатие Железници на Северна Македонија – Инфраструктура.

Насилно влегувале во објекти од цврста градба на железничката делница од пругата „Поранешно Фринко“ до селото Кременица, кои служеле за команда на светлосна и звучна сигнализација за железничкиот сообраќај.

Кршејќи ги решетките од долниот дел на вратите со кои биле обезбедени вкупно 8 објекти сопственост на оштетеното Јавно претпријатие за железничка инфраструктура – Железници на Македонија – Скопје, осомничените демонтирале и одзеле вкупно 58 акумулатори со различна јачина, со што ја загрозиле сигурноста на железничкиот сообраќај.

Трето и четвртопријавениот за одредена сума ги откупиле предметите и покрај тоа што знаеле дека потекнуваат од кривично дело и не го пријавиле во МВР.

На тој начин пријавените предизвикале материјална штета во висина од 10.606.746 денари (172.410 евра).

На прво и второпријавениот од страна на судија на претходна постапка одредена им е мерка притвор во траење од 30 дена.