За една недела од Ковид 19 починале 204 лица

од Берта Китинска

Според неделниот  извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 16 до 22 ноември, во овој период тестирани се вкупно 19.664 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на ковид-19, односно 6,3% помалку во однос на минатата недела.

Регистрирани сe 7.486 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 1,8% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (3.255 или 43,5%), со неделна инциденца – 535,1/100.000. Во овој период, процентот на позитивни од тестираните лица изнесува 38%.

Во извештајот на ИЈЗ се наведува дека регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (1.818, односно 24,3%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (1.496 или 20,0%), 30-39 (1.474 или 19,7%), 50-59 (1.348 или 18,0%) и 20-29 (978 или 13,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (85 или 1,6%) и 10-19 години (287 или 3,8%).

Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.866 (51,6%) лица од машки и 3.620 (48,4%) од женски пол.

По добиени 2 негативни теста за присуство на ковид-19 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.099 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 44,7% повеќе во споредба со минатата недела.

Во наведениот период пријавени се 204 смртни случаи од 24 градови, што е зголемување од 18,6% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 155 лица биле над 60 години, 26 лица на возраст од 50-59 години, 18 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и 5 случаи во возрасната група од 30-39 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 128 или 62,7%.

Слични содржини