Европскиот сојуз за промени го честиташе Денот на Албанската азбука. Во соопштението порачаа дека албанскиот јазик за да стигне на денешно ниво, поминал низ многу пречки и дека за овој јазик е вложен многу труд, многу пот, но и многу крв.
-Затоа, грижата за јазикот не е само грижа за едно средство за комуникација, туку повеќе од тоа е грижа за минатото, за сегашноста и за нашата иднина. Имено, мотивирани од овој миг и од важноста на моментот, размислувајќи за Денот на азбуката, сакаме да забележиме дека заштитата и негувањето на јазикот е меѓу највисоките национални обврски. Затоа, сите оние кои денес тврдат дека има нешто друго поважно од достојното именување на нашиот јазик во Уставот, освен што се мазохисти и опортунисти, тие се и против албанскиот јазик и албанскиот народ. Да се изјасниш себеси за неважен со тоа што му даваш значење на некој друг, тоа не е несебичност, туку е непочитување на себеси и на својот идентитет. Ако нашите сонародници Македонци се толку чувствителни за елементите на нивниот етнички идентитет и ние имаме разбирање и емпатија кон нив, чудно е како некои Албанци со презир зборуваат за албанскиот мајчин јазик. Освен ова, сè уште не ни е јасно зошто македонските политички партии и македонската интелектуална класа не наоѓаат сила да се изјаснат за албанскиот јазик на ист начин како што ние даваме поддршка за македонскиот јазик и за етничките карактеристики на македонскиот идентитет, велат од здружената албанска опозиција.
Порачуваат дека за Европскиот сојуз за промени, уставните измени немаат никакво значење доколку не вклучуваат и отстранување на, како што велат, навредливото и понижувачкото именување за албанскиот јазик.
-Бидејќи, не можеме да станеме Европејци со негирање на себеси, особено затоа што прифаќањето на јазичната различност е во основата на европските вредности. И покрај тоа, Европскиот сојуз за промени ќе продолжи да се грижи за албанскиот јазик исто како што се грижи за интеграцијата во ЕУ, исто како што се грижи за борбата против корупцијата и исто како што се залага за благосостојбата на сите граѓани во нашата земја, стои во партиското соопштение.