За француската „шансона“ во честитката на Макрон за македонската ЕУ интеграција

од desk4
366 прегледи

Искра надеж или уште една француска „шансона“ во честитката на францускиот претседател Емануел Макрон по повод 30 годишнината на „Денот на независноста“? Честитајќи го празникот Макрон напиша дека македонските преговори за членство во ЕУ треба да почнат следните месеци со целосна поддршка за европската перспектива.

-Франција е решена дека преговорите за членство треба да почнат следните месеци и ќе продолжи да спроведува напори за да се изнајде решение за билатералните спорови. Франција ќе биде внимателна за да преговарачката рамка, која ќе биде усвоена, ја одразува новата методологија за процесот за членство, која јас ја посакував, и ќе продолжи да ги унапредува и да ги поддржува суштинските реформи за европското приближување на Северна Македонија, особено во клучните области како што е владеењето на правото, кои се во сржта на европските вредности, пишува Макрон.

Макрон најавува дека француската стратегија за Балканот предвидува и засилена поддршка од Франција за економскиот и социјалниот развој на регионот, особено преку Француската агенција за развој, која по потпишувањето на меѓувладиниот договор помеѓу двете земји на 21 февруари 2021 година, набрзо ќе започнела со своите активности во Македонија во областа на одржливиот развој.

Според директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска,  Франција и претседателот Макрон не ја поместиле својата позиција во однос на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ. Кацарска за „Локално“ вели дека не гледа многу промена во однос на француската позиција и покрај честитката од претседателот Макрон, особено што пред некој ден „Политико“ ги објави приоритетите на француското претседателство (односно на наредното трио кое ќе претседава со ЕУ, Чешка, Шведка и Франција), во кои проширувањето не се споменува. 

-Чешка заедно со Шведска се земјите кои делумно се обидуваат да ја убедат Франција дека проширувањето треба да биде ставено на агендата. Дополнително во пракса францускиот претседател е многу внимателен поради претстојните претседателски избори во Франција и очекувам дека тој ќе биде фокусиран на исходот од Конференцијата за иднината на ЕУ. Во нивното поимање на нештата Конференцијата треба да има некаков исход за да може и понатаму да говориме за проширувањето. Несомнено е дека декларативно, вербално Франција изразува некоја форма на поддршка, меѓутоа досега некој попрактичен ангажман не сме виделе. Исто како што сеуште чекаме да видиме во поголем дел од регионот што ќе значи тоа, „враќање на Франција во регионот“, иако беше најавено пред неколку години, вели Кацарска.

Денеска и Стокхолм и Прага најавија дека за време на претседавањето со Европската унија, темата Западен Балкан ќе остане на агендата. Чешка ќе претседава со ЕУ од јули 2022 година, по што во јануари 2023 година претседателството ќе го преземе Шведска.

-Би сакал да слушнам ветување на Самитот ЕУ-Западен Балкан за време на чешкото претседателство, за конкретен датум за, да речеме, Србија, Албанија и Северна Македонија да се приклучат кон ЕУ. Од тоа ќе имаат корист не само земјите од Западен Балкан, туку и целата ЕУ. Тоа би помогнало, на пример, за ефикасното справување со илегалната миграција, изјави министерот за надворешни работи на Чешка Јакуб Кулханек.

Шефицата на шведската дипломатија, Ан Линде нагласи дека сe зависи од напредокот во реформите кои мора да бидат насочени кон почитување на европските вредности во земјите.

– Балканот е од најголема важност. Албанија и Северна Македонија ги исполнија условите за почеток на преговорите и тие треба да започнат веднаш, изјави Линде.

За Словенија нема дилеми дека оваа година, во октомври на  вонредниот Самит посветен на проширувањето на ЕУ со земјите од регионот ќе се разговара за ветувањето дадено во Солун во 2003 година. Премиерот Јанез Јанша пред речиси два месеци ги предупреди земјите членки дека ако не постигне напредок во ангажманот со Западен Балкан, „некој друг со различни вредности и интереси ќе го стори тоа“.

Слична порака упати и петседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Поздравувајќи ја волјата на Словенија да го врати Западниот Балкан на дневен ред во ЕУ, таа порача дека се надева оти за време не словенечкото претседателство ќе бидат отворени преговорите со Македонија и Албанија.

-Уверена сум дека Самитот за Западен Балкан ќе испрати важен сигнал до засегнатите земји дека тие се суштински стратешки партнери за ЕУ и се надевам дека словенечкото претседателство ќе умее да даде зелено светло за процедурите со Северна Македонија и Албанија. Ова е во наш личен интерес и е прашање на кредибилитет: во ЕУ дадено ветување мора да биде исполнето ветување, рече Фон дер Лајен пред околу два месеци пред европските пратеници.

И додека се чека октомври, македонскиот државен врв од прославата на „Денот на независноста“ упати пораки дека Македонија не отстапува од европскиот пат.

Претседателот Стево Пендаровски рече дека нашето подобро утре зависи и од интеграциите во важните меѓународни организации.

-Како мала држава, во денешниот глобален и немирен свет, не можеме да опстоиме без сојузници и пријатели. Интеграциските процеси беа, и сеуште се, и мотив и средство за постигнување на внатрешна кохезија и за достигнување на највисоките европски вредности, рече Пендаровски.

Собранискиот спикер Талат Џафери порача дека остварувањето на полноправното членство во воено-политичкиот сојуз на НАТО е огромен успех бидејќи значи и безбедност на нашите граѓани и на територијалниот интегритет.

-Нашата втора стратешка цел, почнувањето на преговорите за членство со Европската унија се наоѓа повторно во статична точка за која се надевам дека во периодот што следи ќе има поместување во позитивна смисла и ќе можеме да учествуваме на првата меѓувладина конференција со Европската Унија, рече Џафери.

За премиерот Зоран Заев европска иднина на државата е сосема извесна.

-Нашето место во Обединетите Нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани. Со решителност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција и направивме пробив на меѓународен план и реализиравме една од стратешките цели – членството во НАТО. Најважните стратешки цели за државата НАТО и ЕУ се зацртани со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година, рече Заев.

Во меѓувреме техничкиот премиер на Бугарија, Стефан Јанев информираше дека наредната недела на состанокот на Советот за безбедност при Советот на министри на Бугарија ќе се разговарало за политиката кон РС Македонија, но без отстапување од рамката усвоена од парламентот. Привремениот премиер смета дека има теми за кои треба да се размисли однапред и дека една од нив е потребата да се анализира и ажурира целокупната политика на Бугарија кон Република Северна Македонија и особено развојот на политичкиот процес кај нас и во врска со нивното политичко однесување и барање идни решенија во интерес на двете страни.

Рамката на бугарскиот парламент ги негира македонскиот идентитет, јазик и култура. Неодамна и македонското Собрание донесе Резолуција со која се предвидува дека ниту еден политички субјект нема право да преговара за нив.

Б.Т.