За Груевски случајот “Плацевите на Водно” е театарска претстава

од Берта Китинска
319 прегледи

Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.

-Груевски беше премиер повеќе од 10 години. Во целиот овој период тој негуваше статус на лице кое е безимотно, нема возило, има заштеда од плата и живее во станот на мајка си.Ќе ги изведам сите материјални докази со кои судот ќе се убеди дека Груевски купил плац од 2700 м2, веднаш до резиденцијата на Вилма Трајковска. Таму требало да никне барокна куќа. Плацот бил купен со пари – поклон од сведок на јавното наддавање во Мин за транспорт за 100.000 евра. Груевски обезбедил и два плаца во Крушево, имот кој бил негов, но не го пријавил во анкетниот лист, рече Обвинителката Лиле  Стефанова  во воведниот говор.

Стефанова нагласи дека Груевски има имот што го стекнувал за време на мандатот, но го запишувал на други имиња.

За одбраната ваквото обвинение е апсурдно. Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека тоа нема ниту правна ниту човечка логика. Според адвокатот Еленко Миланов, Камчев не може да биде обвинет за перење пари затоа што, меѓу другото не се исполнети законските претпоставки.

Поранешниот премиер Никола Груевски се огласи преку социјалните мрежи по повод првото рочиште за случајот „Плацеви на Водно“, во кој тој е првообвинет, заедно со Сашо Мијалков и Орце Камчев. Груевски вели дека се е ова театарска претстава во режија на Зоран Заев.

-Денеска почна театарската престава во режија на Зоран Заев а во изведба на обвинителството во кое самиот нарачува случаи и издава инструкции за оние кои ги одбрал да се пресметува со нив. Престава темпирана да го сврти вниманието во предизборниот период, во кој наместо да слушнеме за реално завршени и исполнети реформи кои го направиле подобар животот на граѓаните или создадени проекти од власта, ќе слушаме небулозни приказни со театарски сценарија во кои како доказ не се нуди ништо, освен мал број уценети лица со изнудени претпоставки наместо докази, и тоа со применети најбрутални методи.

Уште еднаш повторувам дека ниту сум купувал, ниту продавал земјишта или станови. Ниту сум земал пари од партијата за тоа. Се е лага и валкана конструкција, вели Груевски.

„Плацовите на Водно“ како посебен предмет произлезе од случајот „Империја“. На листата осомничени за плацовите се шестмина, меѓу кои – Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, Орце Камчев, неговата мајка Ратка Камчева, Сашо Мијалков…Сомнежите на обвинителството се дека со пари од членарина и партиски донации за ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни плацови на Водно. Станува збор за земјиште од 11 000 квадратни метри и сума од 1,3 милион евра.

Слични содржини