За изборите во САД кандидатите потрошиле над 15,9 милијарди долари

од Milan1
13 прегледи

За изборните кампањи, на изборите во САД кандидатите потрошиле над 15,9 милијарди долари, со што тие станаа најскапи избори во историјата.

Оваа сума која ги опфаќа и конгресните избори, го надминува рекордот од 15,1 милијарда потрошени во 2020 година и е повеќе од двојно зголемена во однос на 2016 година, кога беа потрошени 6,5 милијарди, според непрофитната организација „OpenSecrets“.

Во жестоката претседателска трка, потпретседателката Камала Харис се истакна како лидер по собирање на средства. Нејзината кампања директно собрала над една милијарда долари, од кои 40 отсто доаѓаат од мали донатори, со дополнителни 586 милиони долари од политички комитети кои ја поддржуваат.

Кампањата на Доналд Трамп, пак, собрала 382 милиони долари директно, со 28 отсто од мали донатори, додека соодветни комитети донирале уште 694 милиони долари.

Најголемиот донатор е 82-годишниот наследник Тимоти Мелон, кој донирал 197 милиони долари за Трамп и републиканците. Меѓу другите главни поддржувачи на Републиканците се Ричард и Елизабет Вилхен од индустријата за пакување, казинскиот магнат Миријам Аделсон, извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, и инвеститорот Кенет Грифин, сите со донации над 100 милиони долари.

Од страна на Демократите, Мајкл Блумберг се истакнува како најголем донатор, со околу 93 милиони долари донации, додека Сорос донирал 56 милиони долари преку својот политички комитет.

Слични содржини