Чекорот на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) е логичен след на настаните преку кој ќе се констатира повреда на правото на правично судење, смета поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска за судскиот процес „Тенк“ поради кој одлежа неколку години затвор. Сепак, таа тврди дека судењето било фарса, споредувајќи го со Нирнбершките процеси и судењата за време на Информбирото.
„Судот наместо независен арбитер беше партнер и консултант на обвинителството и дејствувајќи заеднички тие беа цврсто одлучени по секоја цена во експресен рок да бидат изречени затворски казни за обвинетите, така што судењето беше обична фарса со однапред познат исход. Почитувањето на процесните правила, доказите и материјалното право слободно можам да кажам дека беа на значително пониско ниво од она што го имале Нирнбершките процеси во времето во кое се случувале, па дури и на пониско ниво од судењата за време на Информбирото во однос на остварување на просецните права“, рече Јанкулоска во интервју за МИА.
Нирнбершките процеси се серија воени трибунали одржани по Втората светска војна, каде што им се судеше на истакнати лидери на нацистичка Германија за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Екс-министерката е актуелна периодов откако нејзината апликација за предметот „Тенк“ ја помина првата фаза во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Јанкулоска беше упатена во КПУ – Идризово, за издржување на казната затвор од четири години како осудена во предметот „Тенк”, во септември 2020 година, откако таа ги исцрпи сите правни средства за одложување на издржување на казната. Јанкулоска излезе од затвор во 2023 година откако одлежа три години и еден месец. Поранешната министерка беше правосилно осудена за набавката на владиниот луксузен „мерцедес“. Во истиот случај е осуден и екс-премиерот Никола Груевски, кој избега во Унгарија.