Штом Фернандо Алонсо објави дека ќе го напушти Алпин на крајот на сезоната за Астон Мартин, дел од одбранбената стратегија на тимскиот шеф Отмар Шафнауер беше дека има 14 кандидати за местото на Шпанецот. Многумина го сфатија ова како претерување, но неколку дена пред Големата награда на Италија во Монца, извор од тимот потврди дека листата на возачи кои сакаат да го заменат двократниот светски шампион навистина брои 14 возачи.
Веднаш по одлуката на Бирото за договори за важечкиот договор на Оскар Пјастри со Мекларен, Шафнауер објави дека Австралиецот веќе е затворена тема за тимот.
До пред неколку дена се сметаше дека преговорите за Пјер Гасли се одвиваат многу добро. Доктор Хелмут Марко им потврди и рече дека доколку Алпин ги исполни условите на Ред Бул, Гасли ќе може да го заземе местото на Алонсо. Сепак, Ред Бул потоа го врза ослободувањето на Гасли со Колтон Херта да добие супер лиценца за да вози во Формула 1, но Американецот не ги исполнува условите и тоа може да го раскине договорот за Гасли.
Во текот на летната пауза, меѓу кандидатите за местото на Алонсо се појавија Даниел Рикардо и Мик Шумахер, при што шансите на Австралиецот се многу поголеми и покрај неговото заминување од тимот на крајот на 2020 година.
Вчера Шафнауер одговори на директно прашање за имињата на списокот и воедно посочи дека на него има 14 пилоти.
„Прво сакаме да откриеме кои од овие пилоти се на пазарот – објасни Шафнауер. – Списокот е долг. Првиот пат реков дека во него има 14 пилоти, тие навистина се толку многу. Сега треба да ја намалиме оваа бројка на три или четири имиња и конечно ќе одлучиме кој ќе ни биде најсоодветен“.