На новинарско прашање дали модно студио од Битола со двајца вработени и фирма регистрирана 20 дена пред да се објави тендерот, треба да испорача униформи за важна полициска структура во вредност од 3,8 милиони евра, премиерот Христијан Мицкоски порача дека јавната набавка била отворена без лимитирачки услови како во минатото и дека секој кој имал интерес, можел да се јави.
Според информациите, една фирма која е многу долго во овој бизнис е одбиена.
-Претпоставувам дека имало причина зошто таа фирма не била одбрана. Дали можеби цената што ја понудила била превисока, дали поради нешто друго, не знам. За тоа ќе треба да даде одговор МВР. Јас кога зборувам за естрада, зборувам и тврдам дека наведувачки прашања се естрада, во однос на тоа дека се обвинува априори без да се пренесат докази. Станува збор за рамковна спогодба во која нема никакви облигации, рече премиерот, одговарајќи на прес-конференцијата во Владата.
-Но не може сега да го раскинеме тој договор затоа што ќе плаќаме пенали. Немаме што да криеме. Деталите ќе ги ставиме на увид на јавноста и ако има незаконско трошење пари, јас сум подготвен да сносам одговорност, додаде премиерот.
Опозициската СДСМ денеска на Антикорупциската комисија ѝ достави документи за контроверзниот тендер за шиење на униформи за специјалните полициски сили, на кој беа избрани едно модно студио од Битола со две шивачки и една набрзина отворена фирма на компанија од Србија.