Комисијата за заразни болести соопшти дека состојбата со големата кашлица е под контрола, но се уште не е стабилна. Според КЗБ, до денес се потврдени вкупно 56 случаи на луѓе заразени со голема кашлица, од кои 46 се од Скопје.
Оттаму очекувааат и кај возрасните да се потврдува оваа болест. Велат дека нивната најголема грижа е спречување на ширење на заразата кај малите деца.
Останува препораката за надополнување на вакциналните дози. Од 18-ти јануари до 14-ти февруари се вакцинирани над 13 илјади деца, што е солиден одзив според КЗБ и релативно се задоволни, но потенцираат дека работата не е завршена бидејќи има илјадници деца кои требало да се вакцинираат.
Во однос на тоа дали возрасните треба да се ревакцинираат, претседателот на КЗБ, д-р Александар Петличковски рече дека болеста пертусис за возрасни луѓе не е тешка болест, за неа има достапен лек и нема потреба од страв.
-Возрасните луѓе, како преносители на малите деца, се опасни и затоа се размислува и се препорачува во ова упатство и нивна заштита. Прво заштита со вакцини, второ со заштита со антибиотици. Вакцини за возрасни во мометот, нема, но сме многу блиску да дојдат да се набават, мислам дека е прашање на ден, бидејќи е отпочната постапка, има најава дека ќе пристигнат многу скоро, и мислам дека од почетокот на следната недела би можеле да сметаме и на овие дози. Таа вакцина за возрасни е истата вакцин што се препорачува и за трудници, информира Петличковски.
Додаде дека вакцините обезбедуваат имунитет што трае меѓу пет и десет години и е многу солиден, и поентата на вакцинирањето е да се преброди критичниот период на возраст за оваа болест.