Mинистерот за здравство, Азир Алиу најавува дека ќе има четири различни влезови на новиот паркинг на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, односно за онколошки пациенти влезот ќе биде бесплатен, за пациенти со упат влезот ќе биде поевтин, а за вработени ќе има трета цена. За граѓани кои доаѓаат поради икс причини ќе биде трета цена која што ќе биде најскапа.
-Ценовникот на паркингот нема да биде ист за сите, почнувајќи од нула денари до цени за граѓани кои што не се пациенти, изјави денеска Алиу.
На новинарско прашање поврзано со изградбата на новиот паркинг простор на Клинички, министерот рече дека наредната недела на прес-конференција ќе соопшти повеќе детали, но, вели, она што може да го каже во овој момент е тоа дека договорот ќе биде потпишан со Јавното претпријатие Градски паркинг кое и досега раководеше со паркингот на Клинички.
– Очекуваме во текот на денот да се потпише договорот помеѓу Министерство за здравство и ЈП Градски паркинг. Досега без потпишување на договор и конкретни чекори, не сакав во јавноста да излезам со информации … Исто така, ќе бидат отворени дополнителни влезови, еден од нив ќе биде отворен на Кардиологија за да може пациентите кои што имаат потреба од интервенција во таа Клиника да може директно таму да влезат. Излезите ќе бидат исти, бројот на паркинг места ќе биде дупло поголем од сега, поради оптимизацијата на просторот. Сега за сега, нема да има изградба на нов тврд или монтажен објект, бидејќи цениме дека со оваа оптимизација бројот на паркинг места ќе биде повеќе од доволно, рече Алиу.
Прашан зошто договорот се потпишува со истата институција која што раководеше со паркингот на Клинички, односно ЈП Градски паркинг, тој рече „мојот пристап како министер е да се работи со институции кои што имаат експертиза во областите“.
– Ние како институција внатре ја имаме институцијата за општи работи која што досега за жал нема таква експертиза и не сакаме да експериментираме со паркингот, а на ЈП Градски паркинг тоа им е бизнис и секојдневна работа, затоа цениме дека со нив би се контролирало подобро. Проблемот досега не беше во ЈП Градски паркинг, туку во менаџирање на процесите во паркингот. Знаете дека ниту ЈП Градски паркинг, ниту Министерството за здравство немаа некој процес за следење на активностите на паркингот. Сега дефинираме начин на плаќање, дефинираме начин на креирање на извештаи во реално време, значи 24 часа ќе се има мониторинг на целиот простор. Исто така, ќе има камери за следење на автомобилите. За цената се уште не е разговарано, ќе треба да има промени во цената, рече Алиу.
Доколку има потреба и доколку оптимизирањето на паркинг просторот не даде резултати, министерот нагласи дека ќе се размислува за монтирање на катна гаража.