За Османи самитот на ОБСЕ е најголемиот настан во државата, во Скопје се одлучува за иднината на организацијата

од Nikola Popovski
177 прегледи

Од 29 ноември до 1 декември Скопје ќе биде домаќин на самитот на ОБСЕ, соопшти на прес-конференција министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи, кој самитот го нарече „најголем настан во Северна Македонија“.

Во Скопје се очекува да пристигнат 76 делегации на земји членки на ОБСЕ и партнери на ОБСЕ, претставени главно од министри за надворешни работи, а обезбеден е и чартер лет од Брисел за министрите кои ден претходно ќе учествуваат на министерскиот состанок на НАТО, од каде ќе дојдат 20 официјални претставници.

-ОБСЕ за првпат се соочува со егзистенцијална криза, посочи Османи, објаснувајќи дека токму во Скопје може да се одлучува за иднината на организацијата.

-За прв пат во својата историја, ОБСЕ нема претседавач за 2024 година, нема одобрен буџет од 2021 година и покрај сериозните обврски и присуството на 13 мисии на терен во конфликтните точки ширум светот, а војната во Украина е предизвик кој го намали нивото на доверба меѓу земјите-членки на ОБСЕ. Значи не може да се прифатат одлуки кои се носат со консензус во организацијата, рече Османи.

-Дваесет дена пред самитот се уште немаме консензус за важните прашања за иднината на ОБСЕ. Ова ќе мора да се случи во Скопје. Теоретски, постои можност ОБСЕ да престане да постои, но не верувам дека земјите ќе го дозволат тоа. Најголемата мисија на ОБСЕ е во Косово, има мисии во Босна и Херцеговина, Кишињев, Украина (и покрај ветото на нашето присуство најдовме начин да бидеме таму), не верувам дека треба да се дозволи ОБСЕ да изумре со сите капацитети и можности што ги има, истакна Османи.

Според него, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изразил желба да учествува на средбата во Скопје.

-Постојат одредени предизвици во оваа работа, имајќи предвид дека македонскиот воздушен простор е затворен за руските државни авиони, како и за соседните земји и ќе треба да се направат одредени логистички напори. По правило, на состанокот мора да присуствуваат сите инволвирани страни, но за некои конкретни лица мора да има дополнителна одлука. Се надевам дека сите ќе се сретнеме во Скопје, рече Османи.

На прашањето како ќе се решава иднината на ОБСЕ доколку министерот за надворешни работи на Русија не може да присуствува на средбата во Скопје, Османи одговори дека Руската Федерација ќе има свои претставници.

За претседавањето со ОБСЕ идната година, Османи рече дека се работи на „неколку сценарија“, бидејќи единствената земја која е формален кандидат за претседавање – Естонија, нема поддршка од Русија. Во последните месеци тој разговараше со сите министри за надворешни работи за да се најде алтернатива што ќе ја има поддршката од сите земји членки на ОБСЕ, доколку тоа не се случи, Северна Македонија нема да дозволи ОБСЕ да остане без претседавач.

Слични содржини