Ги застапуваат пред се личните и партиските интереси, немаат контакт со народот кој ги избрал и речиси никој не верува дека тие ја контролираат Владата или носат квалитетни закони во интерес на граѓаните, би била општата новинарска оценка на последната анкетата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС)

Истражувањето е спроведено по пат на теренска анкета лице в лице на 1000 испитаници, при што се земени предвид половите, возрасните, етничките, образовните и просторните специфики на населението. Анкетата е составена од 32 прашања. Некои од клучните наоди на истражувањето во однос на работата на Собранието во последните 12 месеци се: • 76% од испитаните целосно или делумно се согласуваат дека медиумите известуваат селективно за работата на Собранието.
• Скоро половина од граѓаните – 49% сметаат дека контролата на Собранието врз Владата е мала или изостанува. За 25% контролата е соодветна, а за 10% е голема.
• Само 7% сметаат дека пратеничките прашања овозможуваат контрола на работата на извршната власт. 27% од граѓаните сметаат дека пратеничките прашања немаат никакво влијание.
• Законите се менуваат често или премногу често сметаат 61% од испитаните. Вакво мислење имаат 81% од земјоделците, 67% од вработените во јавниот сектор и 57% од вработените во приватниот сектор.
• Ефикасноста на Собранието за 57% од граѓаните значи тоа да носи што е можно поквалитетни закони. За 7% значи да носи што е можно повеќе закони и законски измени.
• За 49% од граѓаните парламентот не е отворен за јавноста, а 41% сметаат дека е отворен.
• 17% од граѓаните сметаат дека Собранието ја консултира јавноста пред носење на законите секогаш или често, а 41% сметаат дека консултациите се прават ретко или никогаш.
• Пратеникот од нивната изборна единица не е достапен за средби со граѓаните сметаат 56% од испитаните.
• Само 28% од граѓаните сметаат дека пратениците во Собранието ги застапуваат интересите на граѓаните и на изборните единици. За 34% пратениците ги застапуваат личните интереси, а за 32% интересите на партијата.
• Поголем дел од граѓаните сметаат дека повеќето од пратениците не се подготвени за темите од дневниот ред 39%, а 13% дека воопшто не се подготвени. За 35% повеќето од пратениците се подготвени, а само 6% сметаат дека се целосно подготвени.
• 45% од испитаните сметаат дека во последната година Собранието не ја зголемило контролата врз спроведувањето на законите, а 49% се скептични дека тоа може да се случи со овој состав на парламентот. • Според 49% од граѓаните пратениците ретко ги образложуваат своите позиции и ставови со аргументи . 26% сметаат дека пратениците тоа го прават често.
Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС) истражувањето го спроведе во периодот 5 мај – 6 јуни 2015 година, во рамки на проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“
целата анкета тука