Откако Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати за судии во ЕСЧП во Струзбур, одлучи да се формира и нова комисија. Запрашан кои услови не ги усполнувале кандидатите, како што рекоа претходно од Владата, премиерот Христијан Мицкоски вели дека постојат две вистини – една на кандидатите и втората „вистинската“ на Владата.
-Нема да навлегувам во тоа што го кажуваат кандидатите – тоа е нивната вистина, а вистинската вистина е тоа што го кажа Владата. Се формираше нова Комисија која што ја сочинуваат сите оние лица кои што раководат со врвни судски и обвинителски институции. Еве тие нека одлучат на следниот конкурс кој е најдобар, за да нема изговори. Се воздржувам од коментар на тоа што го кажуваат некои од кандидатите. За жал, тоа не е вистинската вистина, рече Мицкоски.
Според премиерот, било констатирано дека кандидатите не ги исполнуваат критериумите.
-Има во соопштението на Владата, ќе се обратите и ќе ви објаснат, додаде Мицксоски, одговарајќи на новинарски прашања за повеќе детали кои се критериумите кои не ги исполнувале.
Обвинителката Ленче Ристоска, која е еден од одбиените тројца кандидати, информира дека од „Илинденска бр.2“ одбиваат да дадат појаснување за тоа кои критериуми не ги исполнуваат како кандидати, што е спротивно на препораките на Советот на Европа.
-Последниве два месеци имав укажувања дека треба да ја повлечам мојата кандидатура за судија во судот во Стразбур, а во исто време во јавноста се одвиваше и клеветничка кампања против мене. Затоа и потегот на Владата за неприфаќање на листата за мене беше очекуван, само формата како Владата ќе се обиде да ги прекрши процедурата и препораките на Совет на Европа за избор на кандидати за судии, но и насоките што самата Влада ги дала на Комисијата во решението за нејзино формирање беше неизвесна, порача, меѓу другото, обвинителката.
Покрај Ристоска, кандидати беа и судијката од Апелацискиот суд, Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.
Македонската влада ја почна постапката за избор на кандидати за судија во Стразбур во првото тримесечје од годинава, затоа што во февруари следната година истекува мандатот на актуелниот македонски судија во Стразбур, Јован Илиевски.