За прв пат од 2022 година, Русија стана главен снабдувач на гас за ЕУ

од Vladimir Zorba
41 прегледи

Во септември Русија стана главен снабдувач на гас за Европската унија за прв пат од пролетта 2022 година, пренесе РИА Новости, повикувајќи се на податоци на Евростат.

Во септември европските компании купија гас во вредност од 1,4 милијарди евра од Русија. Приближно 40 отсто од снабдувањето доаѓа од течен природен гас, а 60 отсто од цевководи.

Ваквиот скок на извозот и овозможи на Русија да стане главен снабдувач на сино гориво во ЕУ во септември со удел од 23,74 отсто во споредба со 16,54 отсто во август. Ова се случи за прв пат од мај 2022 година, кога увозот од Русија беше 22,9 отсто, пренесува Танјуг.

На второ место е Алжир, а обемот на испораки од оваа земја е намален за 15 отсто во однос на претходниот месец – на 1,1 милијарда евра. Во септември, САД ја зголемија продажбата за 21 отсто на 990,2 милиони евра, искачувајќи се на третото место од петтото. Норвешка и натаму е четврта, со испорачаните количини зголемени за седум отсто (на 975 милиони евра).

Велика Британија, која во август беше еден од трите најголеми продавачи на гас во ЕУ, ги намали испораките за 2,4 пати и стана петта со 429,2 милиони евра. Земјите од ЕУ, во планот „Re PowerEU“ објавен во пролетта 2022 година, поставија цел постепено да ги прекинат испораките на руски природен гас во периодот 2027-2028 година.

Руските власти постојано нагласуваат дека Западот направил сериозна грешка кога одбил да купува директно од Русија, откако земјите од ЕУ купуваат руска нафта и гас по повисоки цени преку посредници, наведува руската агенција.

Слични содржини