За првпат по нападот на 6 јануари, Конгресот на САД не го чува Националната гарда

од Stefanija Kuzmanovska

За првпат по скоро пет месеци, Капитолот во Вашингтон, седиште на Конгресот на САД, не беше заштитен од силите на Националната гарда во понеделникот, бидејќи опасноста од екстремно десничарско насилство ослабе по нападот на 6 јануари.

Бидејќи задачата за заштита на Конгресот беше официјално завршена, последните 2.149 војници на формацијата, во која првично имаше дури 26.000 луѓе, го напуштија Вашингтон за време на викендот, пренесува Хина, повикувајќи се на „Франс прес“.

Во Капитол имаа строги безбедносни мерки по 6 јануари, кога илјадници приврзаници на Доналд Трамп се собраа пред зградата на парламентот на САД по неговиот говор.

Тогашниот претседател Доналд Трамп ги повика да спречат пратениците да ја прогласат победата на Џо Бајден на претседателските избори.

Стотици негови приврзаници упаднаа во зградата, создавајќи хаос. Животот го загубија пет лица, меѓу кои и еден полицаец.

Стравувајќи од нови закани за време на инаугурацијата на Бајден на 20 јануари, илјадници војници на Националната гарда беа распоредени и беше подигната бодликава жица околу Капитол.

Слични содржини