Во одлуката за ограничување на буџетот на функционерите за угостителски услуги, вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски не остава простор за импровизации и субјективни проценки. На прашања на „Локално“, од Кабинетот на вицепремиерот велат дека најмногу ќе може да потроши премиерот- до 2.500 денари по лице, а намалку директорите кои на секој гостин ќе можат да му платат оброк и пијалоци до 1.000 денари.
„Максималната сума која министрите може да ја трошат на работни состаноци е до 1500 денари по лице присутно на работниот состанок. Износот што може да се користи по лице присутно на работниот состанок зависи од функцијата на корисникот пример претседател на Владата на Република Северна Македонија – до 2.500 денари по лице, заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија – до 2.000 денари по лице, министер – до 1.500 денари по лице, заменик на министерот, до 1.300 денари по лице, директор – до 1.000 денари по лице”, објаснуваат од Кабинетот.
При утврдувањето на износот дозволен за угостителски услуги, критериум биле потребите и целите на состаноците, функцијата на корисникот, како и моменталната цена на угостителските услуги. Ограничувањето, велат од таму, е по лице присутно на работниот состанок во рамките на буџетските средства на инистуцијата.
„Корисниците на угостителските услуги задолжително ќе мора да ја приложат резервацијата доставена до угостителскиот објект за карактерот на службената потреба (работниот состанок), во кој е наведен и бројот на лица гости на настанот со име и презиме и потпис на корисникот на средствата за угостителски услуги кој го направил трошокот. Корисникот на услугата задолжително мора да доставува и извештај за природата и целта на работниот состанок, број на присутни лица, време, место и датум на работниот состанок. Без резервација и извештај за природата и целта на работниот состанок Секторот за финании во државниот орган нема да изврши исплата за изеденото и испиеното. Во случај на пречекорување на дозволените лимити за користење на средствата за угостителски услуги, лицата кои го сториле пречекорувањето, пречекорениот износ ќе го надоместат најдоцна три работни дена од денот на стореното пречекорување”, велат од Кабинетот на вицепремиерот Николовски.
Три години по воведувањето на Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции а во насока на активна транспарентност и отчетност пред граѓаните, се најавуваат новини кои ќе значат дека податоците во Алатката за транспарентност ќе се обновуваат на секои три месеци и таа ќе се прошири и на други јавни функционери, надвор од министерствата и Владата.
Поради потреба за зголемување на финансиска транспарентност, од Кабинетот на вицепремиерот Николовски велат дека ќе се надгради и веб-страницата koronavirus.gov.mk со податоци за финансиска транспарентност поврзани со кризата, finansiskatransparentnost.koronavirus.gov.mk каде на јавноста ќе ѝ бидат дадени на увид информации за средствата кои се слеваат и трошат од Буџетот на РСМ, како и евиденција на сите нефинансиски донации добиени како помош, а се наменети за справување со кризата ковид-19.
К.В.С.