„СДС повторно бесрамно лаже за пожарот кој се случи во текот на вчерашниот ден во Чучер Сандево. СДС беше власт 7 години и наместо да се позанимава со набавка на возила, модернизација или пак да покрене некаков чекор за борбата со огнените стихии, тие гледаа од каде тендер да наместат и да ќарат провизии. За разлика од порано кога државата во летните периоди беше во пламен, сега се реагира веднаш“ – вака велат од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата на најголемата опозициска партија дека Владата ги оставила граѓаните сами да се справуваат со огнените стихии.
Според партијата на власт, 38 возила се ставени во употреба за гаснење на пожарите, а Македонија за прв пат со оваа Влада добива интервентна пожарна со 50 специјализирани возила за гаснење на шумски пожари.
„Армиските и полициските возила се пренаменети и ставени на располагање на Владата и на Дирекцијата за заштита и спасување со цел зголемување на капацитетите за справување со пожарите во земјава. Со пренамена на полициски и армиски возила државата заштедува неколку десетици милиони евра, а се зголемуваат капацитетите за гаснење на пожари“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека по 400 евра за 400 невработени се предвидени за сезонски работници за борбата со пожарите низ државата.
Претходно од СДСМ обвинија дека „само еден ден откако завршија со ПР и сликање со импровизираните хермелини, реалноста им се удри од глава на премиерот Христијан Мицкоски и директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов“.
„Минатата година изгореа речиси 10% од територијата на државата и тогаш СДСМ им беше крив за пожарите иакко додека СДСМ беше на власт за седум години изгоре помалку шума тколку за една година на ДПМНЕ. Ветуваа дека ова лето „ќе бидат подготвени“, а денес ја гледаме истата неспособност, истата незаинтересираност и истата импровизација.
Цела година имаа да набават опрема, да вработат пожарникари и да го подготват системот. Наместо тоа, Владата ниту набави нови возила, ниту ги сервисираше постојните, ниту навреме обезбеди кадар. Наместо модерни возила, сега ги адаптираат старите армиски хермелини кои не можат ниту да пристапат на тежок терен. Само лани владата набавила возила за функционерите и администрацијата од неколку милиони евра…“, рекоа меѓу другото од „Бихаќка“.