За речиси 1000 денари поскапе животот во февруари, ССМ бара итно зголемување на минималецот

„За два месеци работниците се посиромашни за 1890 денари, а функционерите се фалат дека ќе ја усогласувале минималната плата за 1.666 денари“, порача Трендафилов

од Nikola Popovski
11 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ТВ 21

Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во февруари се зголемени за речиси 1.000 денари во споредба со јануари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија кој ја прави синдикалната потрошувачка кошничка.

Синдикалната минимална кошница за февруари изнесува 67.382 денари и во однос на синдикалната минимална кошница во јануари е зголемена за 969 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати, вредноста на синдикалната минимална кошничка се зголемува на 82.757 денари.

По тој повод се обрати и претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Тој во видео-обраќање порача дека додека политичарите се пресметуваат на грбот на работниците, вредноста на синдикалната минимална кошница за месец февруари изнесува 67.382 денари, во споредба со претходниот месец е зголемена за 969 денари, за 2 месеци е зголемена за 1890 денари, а за 24 месеци колку што одбиваат да ја зголемат минималната плата, зголемена е за повеќе од 10.000 денари.

„Последните денови слушнавме дека политичарите традиционално кога се во опозиција сите ги поддржуваат работниците и се фалат со тоа, а кога се власт се против работниците без исклучок!

Но, денеска излезе податокот за просечната плата за 2025 година која е зголемена за 9,6% или за толку ќе се зголемат платите на функционерите затоа што до објавата не ја променија ниту основицата од просечна плата на минимална плата, ниту ги намалија коефициентите на сложеност за 40% !

За два месеци работниците се посиромашни за 1890 денари, а тие се фалат дека ќе ја усогласувале минималната плата за 1.666 денари“, порача Трендафилов преку јавната објава.

Зголемување од речиси илјада денари има и во делот на храната, односно ако за јануари биле потребни минимум 24.211 денари, во февруари за оваа намена биле потребни 25.156 денари.

ССМ им остави простор на Владата и на работодавачите до крајот на февруари да се договорат за зголемувањето на минималната плата, во спротивно најавуваат уште еден протест и организирање генерален штрајк.