За дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, упатеното писмо од Судскиот совет, Врховниот суд, Здружението на судии адресирано до Христијан Мицкоски е всушност, како што велат, „повеќе е насочено кон нив самите отколку кон премиерот“.
Според генералниот секретар на владејачката партија Ѓорѓија Сајкоски, судиите се во сериозна паника поради она што треба да го спроведат.
Претходно, одговарајќи на прашање дали во партијата се размислува дали и како треба да се одговори на реакцијата на судиите, а тоа да не се сфати како мешање во незвисната судска власт, генсекот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека проблемот не е во недостатокот на регулатива, туку во недостатокот на волја кај судиите и обвинителите за постапување.
-Кај нас проблемот е застојот во работата на судскообвинителските власти. Тоа е основниот проблем, рече Сајкоски во вестите на Тв Сител.
-Ние како ВМРО-ДПМНЕ, како Влада, како политички чинители укажуваме на сите недостатоци и сакаме да се подобриме. Без силна судска власт не може да има силна влада. Затоа укажуваме да се подобрат работите и на таков начин да можеме да имаме заеднички резултати, додаде тој.
Според трите институции, судскиот систем никогаш не генерирал долгови, туку, судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од Буџетот-нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците. Обвинија дека премиерот упатува неаргументирани и паушални напади кон нив.
„Веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите.
Судскиот систем никогаш не генерирал долгови, па оттаму нејасно е каква е поврзаноста на судството со државниот долг од 2 милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега. Сосема спротивно, токму судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од Буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците и сл.
Последниот извештај на ЕК, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт. Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за Европската перспектива на земјата“, стоеше во писмото на судиите.
Оваа реакција од судската власт доаѓа откако, претходно Мицкоски изјави дека судиите и обвинителите не заслужуваат повисоки плати бидејќи немаат резултати. Премиерот во петокот најави дека правосудството ќе добие финансиска независност согласно Буџетот, но ќе бара одговорност и ќе го следи секој потрошен денар.