Холандскиот државен институт за здравство денес објави дека бројот на инфекции со коронавирус во таа земја скокнал за 500 проценти минатата недела во споредба со претходната недела.
Зголемувањето на бројот на пациенти е придружено со укинување на скоро сите ограничувачки мерки и отворање на ноќни клубови на крајот на јуни, во време кога делта сојот започна да се шири, објави АП.
Податоците од институтот покажуваат дека близу 52.000 луѓе биле тестирани позитивни на Ковид-19 во изминатите седум дена.
Најголем пораст има кај луѓето на возраст меѓу 18 и 24 години – 262 проценти, проследено со 191 процент кај луѓето на возраст меѓу 25 и 29 години.
Холандија повторно ги заостри мерките за баровите, рестораните и ноќните клубови во петокот во обид да го запре порастот на инфекции кај младите, само две недели откако беа укинати повеќето ограничувања во земјата, кога случаите се намалија, пренесува Танјуг.
Вршителот на должноста премиер Марк Руте во понеделникот призна дека мерките против коронавирусот се укинати предвреме во Холандија, изјавувајќи дека тоа е последица на „погрешна проценка“ и се извини за тоа.
Повеќе од 46 проценти од возрасните Холанѓани биле целосно вакцинирани, а најмалку 77 проценти примиле барем една доза.